Прашања и одговори

Дали јас како физичко лице, субјект на податоци, можам да побарам и добијам само сопствен извештај, или доколку дадам податоци за други физички или правни лица до кои сум дошла, на пример врз основа на договорите за закуп со тие лица, и со тоа станам давател на податоци што ќе ми овозможи увид, односно да побарам и добијам информација за било кој од вашата база на податоци, кое нешто во иднина би ми помогнало да знам дали со одреден субјект да склучам договор за закуп или не?

Вие, како физичко лице, од МКБ може да побарате Сопствен извештај, кој ќе Ви послужи за Ваше лично информирање за податоците што за Вас се водат во МКБ. Но, не може да побарате извештај за друго физичко или правно лице, ниту да дадете податоци за друго физичко или правно лице.

Со Законот за кредитно биро („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/08), се дефинира кој може да биде давател и корисник на податоци.

Доколку една банка го одбие моето барање, дали и друга банка ќе го направи истото?

Одобрувањето на кредит, друга финансиска услуга или производ зависи од кредитната политика и политиката на управување со ризици кои се разликуваат од банка до банка. Оттаму, врз основа на ист извештај од МКБ, банките можат да донесат различни одлуки.

Кои податоци ги доставуваат банките до МКБ?

Банките доставуваат податоци за:
  • кредитни задолженија по сите видови кредити,
  • гарантни обврски како кокредитори, жиранти, солидарни обврски и обврски од гаранции, непокриени акредитиви и друго,
  • трансакциски сметки со дозволено пречекорување на салдото,
  • платежни кредитни картички.

Дали МКБ собира податоци за моите приходи и банкарски депозити?

Не. МКБ собира податоци само за обврските на Субјектите на податоци, а не и за приходите и банкарските депозити.

Дали некој може да повлече извештај за мене без мое знаење?

Не. Корисник на податоци може да побара од МКБ извештај за Вас само доколку има Ваша писмена согласност за тоа, тоа значи дека МКБ подготвува и доставува извештај до Корисник на податоци исклучиво врз основа на претходна согласност дадена во писмена форма од страна на лицето на кое се однесуваат податоците. Согласноста за издавање извештај од МКБ лицето ја дава на Корисник на податоци за точно одредени цели. Корисниците на податоци се должни примените извештаи да ги користат само за целите за кои е дадена согласноста.

Кој е одговорен за точноста на податоците во извештаите?

За точноста на податоците во извештаите одговорни се Давателите на податоци, бидејќи тие ги доставуваат податоците до МКБ, при што од така добиените податоци МКБ генерира извештаи без притоа да врши измени или дополнувања во податоците.

Кои податоци давателите на услуги од областа на комуналните дејности, енергетиката и телекомуникациите ги доставуваат до МКБ?

Давателите на услуги од областа на комуналните дејности, енергетиката и телекомуникациите доставуваат податоци за пристигнати, а ненаплатени обврски по сметки од испорачаните добра (вода, струја, греење, телекомуникации и друго) по истекот на рокот за плаќање на побарувањето. Во извештаите на МКБ се прикажуваат само обврски кои не се платени подолго од 60 дена од денот на настанување на обврската.

Давателот е должен да ги пријавува редовно сите измени на претходно пријавените обврски (исправка, делумна или целосна исплата на долгот).

Каде и на кој начин може да се оспори податок?

За оспорување на податок од извештај се пополнува Барање за исправка – дополнување на податоци, кое може да го поднесете во: МКБ, кај Давателот на податоци од кого потекнува оспорениот податок или кај Корисникот на податоци кај кој е откриена грешката.

Што ви советуваме?

Ние советуваме да побарате Сопствен извештај од МКБ за наједноставно и најсигурно да утврдите дали има неточни или непотполни податоци што се доставени за Вас и кој ги доставил истите. Доколку имате потреба да оспорите некој податок, тоа можете да го сторите лично во просториите на МКБ и да пополните Барање за исправка - дополнување на податоци, или Барањето можете да го испратите во МКБ по е-пошта на адреса reklamacii@mkb.mk (потпишано и скенирано) или по пошта на адреса бул. Кузман Јосифовски Питу бр.1, 1000 Скопје.

Исто така, Ви советуваме да побарате Сопствен извештај секогаш пред да аплицирате за некоја услуга за да ја елиминирате можноста корисникот на податоците кај кого аплицирате да види погрешни податоци за Вас и од тие причини евентуално да не Ви ја одобри бараната услуга.

Во кој рок се врши исправка на податоците?

Во рок од 5 дена по добивање на Барањето за исправка – дополнување на податоци МКБ Барањето го проследува до Давателот на оспорениот податок, кој во рок од 10 дена врши проверка на податоците и е должен да одговори дали ја прифаќа или не ја прифаќа рекламацијата. Доколку ја прифати рекламацијата и изврши промена во податоците е должен измените да ги достави во МКБ.

По завршување на постапката МКБ го известува Субјектот на податоци за прифаќањето, односно не прифаќањето на рекламацијата од страна на Давателот на податоците.

Како се гради должничка историја?

Да се има добра должничка историја е многу важно и е во Ваш интерес. Треба да знаете дека штом земете кредит, користите кредитна картичка или друга услуга, почнувате да ја создавате Вашата должничка историја, а Вашето однесување кон измирување на достасаните обврски ќе биде регистрирано во МКБ. На Ваше барање МКБ ќе изготви Сопствен извештај за Вас кој ќе овозможи да остварите увид во Вашата должничка историја,со што:

  • Ви овозможува да ги проверите податоците кои се водат за Вас во МКБ,
  • Ви дава преглед за обврските што ги имате и како управувате со Вашите финансии,
  • Ви овозможува да проверите дали во податоците има административни грешки, кои можат да влијаат на можноста да земете кредит или друг вид услуга во иднина и
  • Ви овозможува да видите кои податоци за Вас ги гледа Корисникот на податоци од кого барате кредит или некоја друга услуга.

Како можам да ја евидентирам мојата финансиска состојба?

МКБ може да Ви помогне да ја унапредите личната евиденција и да спречите евентуално презадолжување од тие причини. Чести се случаите кога граѓаните не ги измируваат редовно своите обврски затоа што немаат добра евиденција, особено ако користат повеќе кредити, кредитни картички и слично. Со увид во Сопствениот извештај, ќе може точно да ја евидентирате својата моментална задолженост и да одредите кога достасуваат Вашите обврски. Тоа ќе Ви помогне да ги процените своите финансиски можности за нови задолжувања и да донесете правилни одлуки кои ќе влијаат на Вашата финансиска состојба.

Што е кражба на идентитет?

Кражба на идентитет значи дека Вашето име, адреса, ЕМБГ, број на платежна картичка или друг личен податок бил употребен без Ваше знаење или одобрување за да се изврши измама или некој друг криминал.
Кражба на идентитет се случува кога измамници ќе дојдат до доволно податоци за да можат да Ве идентификуваат, да ги испразнат Вашите сметки, да позајмат пари во Ваше име и да Ви остават долгови.

Како можам да се заштитам од финансиска измама?

Редовната контрола и увид во Вашиот Сопствен извештај, кој го издава МКБ, е ефикасен начин за заштита од измами. Сопствениот извештај содржи потполни податоци за Вашите обврски по кредити, платежни картички, лизинг, осигурување, даноци, телекомуникациски услуги, услуги од областа на енергетиката и комуналните давачки, како и друг вид на обврски како жирант, кокредитобарател или солидарен должник.

Извештајот го содржи идентитетот на сите Даватели на податоци и идентитетот на сите Корисници на податоци кои побарале извештај со Вашите податоци од МКБ во последната година. Преку својата содржина, Сопствениот извештај Ви овозможува лесно да забележите невообичаени активности, како што е на пример одобрен кредит кој не сте го побарале или неочекувано зголемување на долгот на Вашата кредитна картичка.

Вашиот Сопствен извештај е многу ефикасна алатка во борбата против кражба на идентитет, затоа препорачуваме негова редовна контрола за да го заштитите Вашиот идентитет. Извештајот Ви дава преглед на Вашите обврски и редовноста во нивното исполнување и од него лесно може да забележите непознати сметки и сомнителни салда.

Како се заштитуваат молите лични податоци во МКБ?

Заштитата на приватноста на Вашите лични податоци е од најголема важност за нас. Ние се грижиме и сме многу внимателни за да ја заштитиме Вашата приватност и сме обврзани, на Ваше барање, да Ве известиме кои податоци ги собираме за Вас, изворите на податоците, идентитетот на давателите на податоци и идентитетот на секој корисник на податоци кој добил извештај со Ваши податоци во последната година. Одговорно управуваме со податоците кои ни се доверени затоа што веруваме дека е тоа пресудно за развој и одржување на довербата на јавноста, која е неопходна за Вашиот и нашиот континуиран успех.