МКБ Финансиски речник

kniga

Започнуваме интересен проект, со кој се надеваме дека ќе ви помогнеме да ги подобрите и унапредите вашите познавања за финансиите. Го создадовме нашиот МКБ финансиски речник преку кој ќе ве запознаеме со клучните поими, термини и изрази од нашето работење.

Еднаш неделно ќе Ви претставуваме одреден финансиски поим или фраза со цел да ви го доближиме финансискиот свет поблиску до вас.

Нашата главна цел е да овозможиме на клиентите безбедно деловно одлучување и сигурно чекорење во деловниот свет.

Б

БОНИТЕТОТ претставува кредитна способност и ликвидност на претпријатието, а во поширока смисла на зборот, се состои од организациска и финансискa структура, позицијата на претпријатието на пазарот, деловната репутација и перспективата на компанијата.

ИЗВЕШТАЈОТ ЗА БЛОКАДА НА ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА Извештајот за блокада на трансакциска сметка содржи податоци во реално време за тоа дали трансакциската сметка е блокирана или не. Доколку е блокирана, наведени се континуирани денови на блокада со детали за сите блокади и тоа: број на предмет за блокадата, во која банка е блокадата, број на сметка, износ на блокадата, основ на блокадата и датум и време кога е извршена блокадата.

Податокот за блокада на трансакциска сметка од Единствениот регистар на трансакциски сметки се добива во реално време, односно во моментот на генерирање на извештајот. Секое физичко лице може да побара и добие Извештај за блокада на трансакциска сметка само за себе лично.

Ф

ФИНАНСИСКАТА СТАБИЛНОСТ е состојба на непречено функционирање на сите сегменти на финансискиот систем при што секој од нив обезбедува највисоко можно ниво на флексибилност за апрсорбирање на можни шокови

ФИНАНСИСКИОТ СИСТЕМ е еден од системите кои ја сочинуваат една економија. Истиот е збир на финансиски институции, финансиски пазари, регулативи и техники, кои го канализираат нивото на каматните стапки, тргувањето со финансиските инструменти и креирањето на финансиски услуги ширум светот. Поедноставно кажано, финансискиот систем претставува збир на процеси кои ги следат финансиските активности. Финансиските системи може да се дефинираат на глобално или национално ниво. Може да бидат организирани врз база на пазарните принципи, централно планирање, или комбинација од двете. Системите вклучуваат разни институции почнувајќи од банки, берзи, па се до државни трезори.

ФИНАНСИСКИТЕ ИЗВЕШТАИ се формални документи за финансиските активности и позиција на правните лица, физичките лица или друг субјект.

Финансиските извештаи се корисни, бидејќи им помагаат на инвеститорите и доверителите во донесување на подобри економски одлуки. Системот на финансиско известување опфаќа четири основни финансиски извештаи:

– Биланс на состојба
– Билан на успех
– Извештај на паричните текови
– Извештај за акционерската главнина

Овие четири финансиски извештаи се меѓусебно поврзани и како резултат на тоа, треба да обезбедат релевантни, веродостојни и навремени информации, а воедно претставуваат и основа за донесување на одлуки за инвестирање, кредитирање и други слични одлуки, на тој начин остварувајќи ги целите на финансиското известување.

З

ВКУПНА ЗАДОЛЖЕНОСТ – Меѓу финансиските индикатори кои служат за анализа на деловносто работење, голема улога има и индикаторот за вкупна задолженост или показател на вкупната задолженост. Показателот на вкупната задолженост на деловниот субјект се пресметува како однос помеѓу вкупните обврски и вкупните средства на компанијата. Овој показател покажува колкав дел од средствата се финансираат со задолжување. Доколку показателот за вкупна задолженост е со пониска вредност, тоа е индикатор дека компанијата има постабилна финансиска структура, бидејќи поголемиот дел од средствата се финансираат со сопствен капитал.

К

КРЕДИТ – Еден од најчесто употребуваните финансиски поими со кои се среќаваме во секојдневниот живот е поимот кредит . Потекнува од латинскиот збор ‘’credere’’ што значи доверба и се однесува на  довербата што и овозможува на едната договорна страна да обезбеди пари или ресурси на другата договорна страна, при што втората страна не и ги надоместува на првата страна веднаш тие средства и ресурси, но ветува да ги врати на подоцнежен датум со одреден надоместок. Првата страна се нарекува “кредитор”, а втората се нарекува “должник”.

Во праксата се среќаваат повеќе видови на кредити. Во зависност од тоа, дали доверители во банкарскиот однос се банкарски или небанкарски институции, се разликуваат: банкарски и небанкарски кредити. Во зависност од тоа, дали доверителот е јавна институција или приватна институција, се разликуваат: јавни и приватни кредити. Исто така, се разликуваат домашни и надворешни кредити, во зависност од тоа дали доверителите во кредитниот однос се економски субјекти од национална економија или надвор од неа. Од аспект на корисниците, кредитите се делат на кредити за население и кредити за правни субјекти. Според датумот на достасување се делат на долгорочни, од кои најпопуларни се станбените и краткорочни, од кои најпопуларни се ненаменските кредити.